9.8 C
Скопје
05:30 - 19 март, 2024

Искрен муабет со Марко Маринковиќ – Слаткар, музичар: Во времето на татко ми било незамисливо да има рапер кој пцуе и така чесно заработува пари

После долго време и ниту едно интервју, Марко Маринковиќ – Слаткар прифати да проговори за нешта за кои претходно не зборувал.

Татковската улога заедно со пандемијата го оттргнале Слаткар од работните ангажмани, иако не престанал да пишува и во првиот момент кога ќе заврши корона лудилото, ќе влезе во студио да снима. Сепак, многу повеќе менува пелени, отколку што компонира, зашто неговиот моментален живот и сите случувања се околу синчето Моша. Вели дека спаѓа во супертатковци, бидејќи го чува 30 проценти од времето. Разговорот го продолжуваме на тема суперхерои. Освен Бетмен, личиот суперхерој на Слаткар е неговиот татко, човекот кој успеал да се издигне од пепелта како феникс, дете од дом, кое завршило медицина.

Мојата лоза почнува од татко ми

– Татко ми беше многу цврст и ладен човек, што го објаснува моментот дека немал топлина од родител, но секогаш со нас бил добар родител и се трудел да ни го даде она кое нему никогаш никој не му го дал. Веројатно тој комплекс го имаме сите ние, го бараме она што сме го немале и сакаме тоа да му го дадеме на нашето дете, што од друга страна е супер, зашто нè прави да бидеме подобри и како луѓе и како родители – искрено раскажува Марко.

Баба му на Слаткар починала многу кратко откако се родил неговиот татко, што била, всушност, и причината за тој да биде оставен во дом. Подоцна, по 35 години, татко му на Слаткар го пронашол својот татко, се сретнале во Белград, но немало никакви емоции, како да среќава кој било друг човек.

Сепак, Марко во „Полетам“ на татка си, за кој зборува за личност кон која има најголема почит, му се обраќа со следниве стихови: „поштен ко пошта, така не се станува човек“.

– Тоа е повеќе фигуративно кажано. Прво и основно, поштата не е „поштена“, само имаат исти први букви. Тоа беше израз кој го користеше многу често татко ми: „тој е поштен ко пошта“, веројатно мислејќи на луѓето кои напротив, не се чесни. „Така не се станува човек“ го кажувам со цел да го објаснам тој период во кој заработувале само со „муљ“. Не дека денеска сите се чесни, но за разлика од тоа време, сега имаме чесни прилики за да направиме пари. Во времето на татко ми било незамисливо да има рапер кој пцуе и на тој начин чесно заработува пари. Ние навистина имаме многу повеќе опции. Благодарен сум што сум се родил во вакво време во кое сите ние можеме да го најдеме нашето место под сонцето, без разлика какво школо сме завршиле – вели Слаткар.

Пелтечењето надминато низ музиката

– Роден сум во време на Југославија, крај на осумдесеттите. Во тоа време, се терало некоја шема на растење спартански деца и не било дозволено, после тригодишна возраст на детето, мајката да лежи со него во болница. Јас тоа сум го поднел многу тешко, веќе сум прозборел, но кога сум излегол од болница, сум бил малтене трауматизирано спартанско дете (н.з, се смее). Како дете, пелтечењето ми беше многу голем проблем, после тоа, да ти кажам искрено, ми помогна многу, бидејќи ме одвои од другите и сум „црна овца во белото стадо“. Сигурен сум дека луѓето со овој проблем пробале секави вежби, но јас главно работев на мојата самодоверба, искрен е Слаткар и додава дека на децата со ваков проблем им е потребен успех, дека не се свесни колку се посебни и дека тие се многу емотивни, но тешко можат да ги изразат емоциите. Тој пак, го нашол начинот за изразување на емоциите со пишување и компонирање и неговиот однос со музиката не е некаква љубов, туку класична потреба да биде жив, па затоа вели дека ќе се занимава со музика до крајот на животот.

Марихуана наместо лекови и хемии

Ставот на Слаткар околу марихуаната и потребата за легализација на оваа лесна дрога е добро познат, но нас нѐ интересираше дали и колку таа му помага или му одмага кога е пелтечењето во прашање.

– Почнав со консумирање марихуана ниту многу млад ниту многу стар, после школските години. Генерално, откако почнав со употреба, проблемот почна да се намалува, иако не можам да тврдам дека само поради тоа се намалил. Мислам дека наредната генерација таа трева ќе ја користи многу паметно и ќе помогне на многу луѓе. Под паметно користење мислам да се користи наместо лекови и хемии – вели Слаткар и објаснува дека единствениот проблем кој е откриен кај оваа супстанца е тоа што те тера да јадеш многу и се дебелееш.

– За други несакани ефекти ниту сум слушнал ниту сум искусил во овие 20 години, колку што трае мојата „дувачка“ кариера – вели тој.

Дали сум бил успешен ќе кажам кога ќе имам внуци

За Марко Маринковиќ-Слаткар најголем личен и професионален успех е тоа што го работи тоа што го сака.

– На светот не постои поголем успех да го работиш за пари она што би го работел и за џабе. Иако сум многу млад и многу е рано да зборувам за успех, не се чувствувам како нешто посебно успешен човек. Кога ќе имам внуци ќе можам да кажам дали и колку сум бил успешен бидејќи многу е важно и каква околина ќе му обезбедиш на своето дете, каков татко си, каков сопруг си, брат, син, пријател, артист и така натаму – вели Слаткар.

Инаку, верува во постоењето на виша сила која навистина може да помогне. Смета дека важно е човек да верува и дека ја почитува сечија религија и традиција. И најважното, вели, мораш сам да си помогнеш ако сакаш и бог да ти помогне. Лото нема да ти падне ако не уплатиш ливче.

 

Слични објави

„Немам дечко веќе 40 дена“: Дара Бубамара отворено за мажите и врските

Еспресо

(Видео) Лозано има нова песна, слушнете ја „Бариера“

еспресо

Невкусен мајтап на Ким Кардашијан на сметка на „исчезнатата“ принцеза: „Одам да ја најдам Кејт“

еспресо

(Видео) Теа Таировиќ провоцира: Пејачката заводливо танцува во тесни хеланки

jasmina.kantardzieva

(Фото) Популарниот диџеј Дејвид Гета третпат стана татко: „Сијан, добредојде“

еспресо

(Фото) Прва фотографија од Амиџиќ со синот: Мина „улови“ емотивен момент, Огњен го држи Перун на градите

Еспресо
Се вчитува....