19.8 C
Скопје
22:31 - 19 септември, 2026

Жељко Бебек: Дали згрешив јас што си заминав од „Бијело Дугме“ или згрешија тие?

Извикувајќи ги стиховите на „Битанга и принцеза“, култната песна на „Бијело Дугме“, верните фанови на Жељко Бебек ги пречекаа него и бендот, на концертот сношти, во Филхармонија. Во салата беше потполна тишина, се чекаше на сцената да се појави Бебек, а машки глас од публиката гласно „ја викна“ насловната песна од еден од најсупешните албуми на „Дугме“ од 1979 година, а други еднакво верни фанови го подрржаа и запејаа со него.

Бебек не излезе на сцената, туку веднаш по бендот, истрча на неа. Просто неверојатно е за човек кој во декември минатата година наполнил 77 години, да пее со толкав жар, енергија, љубов и мерак, да танцува во ритамот на рокенролот кој му го обележа животот, па дури и да скока кога ќе го понесе песната.

Од зад сцената, го испрати неговата сопруга Ружица, со која е во брак од 2002 година, а приказната дека таа имала 18, а тој 52 години кога се запознале и вљубиле, па прво биле во тајна врска ѝ е добро позната на јавноста.

Ружица е сега дел од менаџерскиот тим на Бебек. Откако го испрати на сцената, се префрли во ложата на Филхармонија и верно го следеше својот сакан од горе, но и нивниот син Звонимир кој свири гитара во бендот. Девојките го чекаа крајот на концертот за да се фотографираат зо Звоне и со Бебек. Ружица најмногу се израдува на песната „Каков татко, таков син“, добриот рокенрол кој Звоне и Жељко го оставаат за крај на концертот.

– Требаше да одговорам на едно прашање во едно интервју. Дали згрешив што во 1984 година го напуштив „Бијело Дугме“? Јас реков: Не знам дали згрешив јас или тие?  Од тогаш, снимив десет соло албуми, го обиколив целиот свет, запознав музичари од цела поранешна Југославија и се дружев со нив“, рече Бебек, и доби силен аплауз.

Неговите соло хитови како „Опрости ми што те волим“, „Лаку ноќ свирачи“, песната со која завршуваат сите свадби, сите свирки во клубовите на многу бендови, па и неговите концерти, публиката на нозе ги пречека и дури и погласно од него ги испеа.

Но, Бебек, иако пред речиси 40 години си замина од бендот, за многумина остана срцето на „Дугме“. Затоа ни еден негов концерт не може да помине без „Селма“, „Заборави ако можеш“, „Тако ти је мала моја кад љуби Босанац“…

И кога бендот се поклони, а многумина мислеа дека е крај и ќе останат ускратени за нивните најдраги песни од „Бијело Дугме“, Бебек продолжи да ги пее најубавите, во еден исклучително емотивен блок: „Сањао сам ночас да те немам“, „Пристао сам бичу све што хоче“, „Има нека тајна веза“… Тогаш се создаде метеж пред сцената, и жени од сите генерации се фотографираа со стариот рокер, кој целото срце на сцената го дава речиси 60 години. И затоа трае.

Концетот го организираше „Авалон“ продукција.

Слични објави

Александра Пријовиќ вели дека го откажала концертот поради болест, а на социјалните мрежи веднаш се појавија разни теории

Ц.Т.

Тажниот крај на Маргита Стефановиќ Маги, „црната принцеза“ на ЕКВ

Т.Ц.

(Фото) Вистинска оаза и луксуз – вака изгледа вилата на Едита Арадиновиќ каде што ќе живее со својата ќерка

Еспресо

Напиша 5 збора и доби 100.000 евра – oва е песната што ѝ донесе богатство на Марина Туцаковиќ

Еспресо

Харис Џиновиќ за провокативните фотографии на Џина: „Не треба да се фотографира како старлета“

Еспресо

Луксузната вила на Николина Пишек во Загреб има нов сопственик? Позната инфлуенсерка го покажа препознатливиот ентериер

Еспресо
Се вчитува....