Раперот Тони Зен искрено зборуваше за својот живот, кариера, признанието што го добивал низ годините и чувството дека во одредени моменти не ја добил почитта што ја заслужува.
Во гостувањето во поткастот „Полиграф“ кај Стефанатор, тој одговори потврдно на прашањето дали смета дека никогаш не ја добил почитта што реално ја заслужува.
Сепак, Тони Зен вели дека со текот на времето сфатил оти признанијата, етикетите и титулите не се најважните работи во животот и дека за него многу поголема вредност има да остане свој.
„Да, вистина е. На моменти се чувствувам така. Не би рекол дека ми е криво, туку можеби понекогаш се чувствувам неисполнето. Меѓутоа, кога ќе се сетам дека тоа не е најбитната работа во моето постоење, ниту во целото постоење, тогаш ми изгледа како некоја мала нишка, како некоја гранка што паднала и се исушила.
Има многу поубави работи од тоа дали сум добил доволно почит, признание или кредит за она што сум го направил. Многу пати сум се чувствувал и потценето и преценето. Сум се почувствувал и вака и така. И на крајот, знаете што ми е најважно? Јас да си останам јас. Надвор од етикетите, титулите, респектот и сè останато, јас да си останам јас. Кога сето друго ќе исчезне, и бројките и буквите, останува едно убаво чувство на вистинско живеење, на вистинско битисување. За мене тоа има најголема вредност“, рече Тони Зен во „Полиграф“.
Тони Зен е едно од најпрепознатливите имиња на македонската хип-хоп сцена. Пошироката популарност ја стекна во 2000-тите, и остана доследен на својот препознатлив стил.
Тони Зен и Слаткаристика на 11 октомври 2025 одржаа голем заеднички концерт во полната сала „Борис Трајковски“ во Скопје, со кој одбележаа две децении пријателство и соработка. Концертот беше насловен „Спушти се доле“, според нивниот заеднички хит.
На речиси тричасовниот концерт им се придружија „Некст тајм“, „2Бона“, Зи Бомб и други музичари од хип-хоп сцената со кои соработувале низ годините, а специјално изненадување беше Калиопи, која на крајот се појави на сцената и ја испеа „Да полетам“. Тони Зен тогаш симболично порача: „Се вративме“.
За него концертот имаше дополнително значење бидејќи со него го одбележа и својот јубилеј – 20 години од првиот албум.
