0.8 C
Скопје
04:53 - 27 декември, 2024

Интервју со Милан Мариќ, актер: Човек сум кој му верува на животот

Тома Здравковиќ го доживува како олицетворение на животната и уметничка слобода, зашто не правел компромиси и секогаш работел она што срцето му наложувало, и во животот и во работата. Тука, српскиот актер Милан Мариќ, најмногу се препознава себеси.

Милан Мариќ во „Државен службеник“

На 23 април се случи премиерата на третата сезона од најпопуларната регионална крими серија „Државен службеник“, во која главната улога ја толкува Милан Мариќ.  Српскиот актер веќе ја освои јавноста покажувајќи ги сите нијанси на својата маестрална глума преку улогата на Тома Здравковиќ во најзборуваниот филм на Балканот во последно време „Тома“, а на 31 мај ќе имаме прилика да го гледаме во Скопје во премиерната претстава „Хотел 88“, во која глуми заедно со Тамара Крцуновиќ, Анџела Јовановиќ и Владимир Алексиќ. Инаку, претставата која е уникатен спој на современиот амбиентален театар и традиционалната комедија, веќе однапред е распродадена во Белград и Нови Сад.

Сте имале бројни улоги, но велите дека „Тома за Вас е посебен филм. Зошто?

– Навистина е така и тоа по многу работи. Пред сè, филмот „Тома“ е сниман во екот на пандемијата, што придонесe за едно општо чувство на неизвесност и страв дека нема да успееме да го одработиме онака како што тој заслужува. Во тој процес моравме да се соголиме себеси за воопшто да имаме шанса да ги досегнеме тајните во искреноста и ранливоста што е неопходно за да го доближиме Тома до публиката. Нè водеше интуицијата, а рациото доаѓаше подоцна, па тоа искуство го чини единствен, креативен и емотивен процес.

Катерина Стевовска прашува: Тома Здравковиќ бил една од најавтентичните појави на југословенската фолксцена, боем и човек кој живеел неконвенционално. Мислите ли дека таков стил на живеење треба да се романтизира?

– Не мислам дека треба да се романтизира боемскиот начин на живот како таков. Не е тоа главна тема кога зборуваме за Тома. Неговата автентичност лежи во емотивната искреност и храброст со која ги допрел луѓето, а тоа се гледа и во фактот дека секој гледач „Тома“ го доживува на свој начин. Она што е романтично кај ликот и делото на Тома Здравковиќ, доколку гледаме од перспектива на денешниот човек, е тоа дека успесите и поразите не го промениле, туку останал доследен на себеси.

Како е да се работи со Драган Бјелогрлиќ како режисер? Дали е напорно, бара ли многу?

– Од една страна проектот беше тежок и комплексен, и напорен за работа, бидејќи се бара од вас да го доловите ликот на некој кој сите го знаат, и кон кого имаат силни емоции, а од друга страна, фактот дека Бјела е актер беше олеснителна околност, тој со својата јасна индикација секогаш знаеше да ми помогне да излезам на прав пат.

Која сцена од филмот Ви беше најтешка?

– Често знам да кажам дека не е сè црно или бело, така што не би сакал сцените да ги делам на тешки или лесни. Сите сцени се еднакво важни за да може адекватно да се пополни пошироката слика. Најтешко ми беше во себе да најдам доволна количина на тага, а цело време да се трудам тоа да не премине во патетика.

Која е Ваша омилена песна од Тома Здравковиќ?

– „Свирајте ночас само за њу…“

Што од сценариото дознавте за Тома Здравковиќ, а претходно не сте знаеле?

– Знаев да набројам неколку песни од неговиот музички опус, и знаев дека асоцијацијата на Тома е зачадена кафеана, чаша на масата и љубовна мака која мора да се испроцесуира, но не повеќе од тоа. Сето останато го научив од сценариото.

Катерина Стевовска прашува: Лазар од „Државен службеник“, Лука од „Беса“ и Тома од „Томасе ликови поради кои Милан Мариќ стана еден од омилените актери на македонската и регионалната публика. Кој од овие ликови според карактерот најмногу потсетува на она што е Милан приватно?

– Тројцата се многу комплексни личности, а секој од нив на некој начин е распнат помеѓу две крајности. За да можам автентично да ги приближам до публиката,  секако морав да најдам заеднички карактеристики со секој од овие ликови. Ако морам да издвојам некоја особина, тогаш ќе кажам дека Лазар и јас сме слични по тврдоглавоста и упорноста, додека со Лука ја делам безусловната лојалност кон блиските луѓе. Кога зборуваме за Тома, го доживувам како олицетворение на животната и уметничката слобода, поради тоа што не правел компромиси и што секогаш го работел она што срцето му наложувало, и во животот и во работата – ако воопшто правел разлика помеѓу тие две работи. Тука најмногу се препознавам.

Милан Мариќ во „Државен службеник“

Ирена Трајкова прашува: Во криминалистичката серија Беса Ве видовме во поинакво светло. Што Ве привлече да ја прифатите улогата на антихеројот Лука?

– Да, така е. Никогаш порано не сум имал прилика да глумам некого од криминалното милје, и тоа само по себе беше предизвик. Кога загребав подлабоко во сценариото, разбрав дека тој не е само криминалец, туку некој кој има една несекојдневна и длабока приказна, интересна и доволно комплексна за да се работи на неа. Она што е возбудливо е тоа што ние присуствуваме на еволуцијата на неговиот лик, кој од црно-бела визура го префрла во еден изнијансиран лик со кој можеме да се идентификуваме.

Ирена Трајкова прашува: Многумина ќе се сложат дека злосторникот Лука во себе крие особини на добар човек. Како денес гледате на овој лик? Какви беа реакциите на публиката и дали тоа ги романтизира и на некој начин ги оправдува неговите дела?

– Лука е човек кој, доколку го имаме предвид неговото растење и фактот дека бил десна рака на Мими, бил приморан на тоа својата ранливост да ја остави длабоко под бетонот на кој ја добил својата општествена функција. Дури кога во неговиот живот ќе влезе Уна, тогаш ги гледаме поблагородните аспекти на неговиот карактер, а тоа е заштитнички однос кој го има кон луѓето што му се важни. Тој тогаш доаѓа во ситуација да мора да одржи доминација во рамките на својот професионален модел, не само поради деловниот успех, туку и да го заштити своето семејство. Лука е човек кој најпосле доби нешто што може да го изгуби, и тоа го прави ранлив. Публиката реагирала на односот помеѓу Уна и него, односно една автентична љубовна приказна, која секако не го аболира од делата кои го прават злосторник, така што верувам дека нема оправдување.

Марија Гегоска прашува: Серијата Беса ги обработува односите помеѓу националностите што живеат на ова парче земја познато како крв и мед. Дали на снимањето на „Беса имаше дружење и договор и дали имаше недоразбирања на национална основа?

– Се дружевме онолку колку обврските ни дозволуваа, како што знаете, распоредите во текот на снимањето се напнати, а „Беса“ е меѓународна серија каде што играат глумци од повеќе земји, сè беше фокусирано на работа. Што се однесува до недоразбирањата, никогаш ги немало, затоа што уметноста е наднационална, и зборува со јазик на универзалност во кој нема зборови за какви било национални поделби.

Милан Мариќ во „Државен службеник“

Марија Гегоска прашува: Која е Вашата актерска улога? Дали припаѓате на старата школа или следите метод? Од кои српски актери и актерки најмногу сте научиле и сте црпеле инспирација?

– Мојата актерска улога е да го следам своето чувство. Доколку сакате да се занимавате со глума, морате постојано да се враќате кон себеси, односно кон своите чувства. Во таа смисла немам идоли, но сепак, секогаш, свесно или не, учам од другите. И не само од моите колеги, туку и од луѓето, генерално.

Кој е Милан Мариќ надвор од сетот, од сцената?

– Човек кој му верува на животот.

Фотографија: Владимир Аврамовиќ/Ирена Цаниќ

Слични објави

(Фото) „Имам подливи..“: Сопругата на Дарко Лазиќ ги смали усните и го смени личниот опис, еве како изгледа сега

Еспресо

(Фото) Празнична идила во Севиља: Немања Гудељ позира со Анастасија Ражнатовиќ, фудбалерот не може да ја тргне насмевката од лицето

Еспресо

(Видео) Северина ја покажа празничната трпеза, меѓу украсите и еден со ликот на Јосип Броз Тито

Еспресо

Српски медиуми: „Бреговиќ го затегна лицето во Турција, тоа задоволство го чинеше 5.000 евра!“

Еспресо

(Фото) Фатени заедно: Еве каде беа и што правеа Марија Шерифовиќ и Јована Пајиќ

Еспресо

(Видео) Сопругата на Сергеј Трифуновиќ сподели видео од семејната куќа, а тој никогаш не бил поемотивен: „Кукли мои! Многу сте слатки!“

Еспресо
Се вчитува....