По серијата вознемирувачки настани што ја потресоа регионалната јавност, естрадната сцена сè погласно зборува за стравот, несигурноста и потребата од дополнителни безбедносни мерки. Фрлањето бомба во дворот на семејната куќа на Здравко Чолиќ, како и информациите за киднапирањето на Даниел Кајмакоски, отворија сериозно прашање за безбедноста на јавните личности, пишува „Курир“.
Иако со години важеле за луѓе кои живеат гламурозно и безгрижно под светлината на рефлекторите, пејачите денес се соочуваат со темната страна на популарноста. Според извори од естрадните кругови, славата, парите и јавната изложеност сè почесто носат и реални безбедносни ризици. Она што некогаш се сметало за луксуз, денес станува нужност.
Како што веќе беше објавено, вилата на Здравко Чолиќ на Дедиње од денот на инцидентот е под постојан надзор, а пејачот веднаш презел дополнителни мерки за заштита. По тој настан, и други јавни личности почнаа отворено да зборуваат за својата безбедност.
Меѓу ретките кои јавно признаа дека ангажирале обезбедување е и Каја Остојиќ.
– Се случуваат работи на кои мора да им се стави крај. Не ми е јасно зошто сме толку често мета. Порано немав постојано обезбедување, но сега почнав да го практикувам. Имам многу да кажам, но ќе зборувам кога ќе дојде време – изјави таа.
Сличен чекор презела и младата пејачка Милица Јокиќ, која откри дека постојано има човек задолжен за нејзината безбедност.
– Секогаш имам лице кое се движи зад мене. Така е најбезбедно. И сега е тука, само вие не го гледате – рече таа.
Пејачката Александра Младеновиќ не откри дали вовела конкретни мерки, но истакна дека е длабоко вознемирена од случувањата.
– Искрено, ова е страшно. Среќа што никој не е повреден. Има многу проблеми на естрадата, но јас знам дека немам од што да се плашам, иако постои таргетирање – изјави таа.
И пејачката Сенидa Хајдарпашиќ подолг период има лично обезбедување, откако и самата поминала низ непријатни и ризични ситуации.
Новинарска екипа разговараше и со член на приватно обезбедување, кој побара анонимност поради природата на работата. Неговата фирма со години соработува со естрадни имиња, но, како што вели, ситуацијата во последно време значително се променила.
– Обезбедување на настапи, концерти и турнеи отсекогаш било стандард. Ново е тоа што сè почесто нè повикуваат за приватен ангажман – за домови, семејства и секојдневно движење. Луѓето се исплашени, добиваат закани и имаат непријатни искуства – објаснува соговорникот.
Според него, повеќето јавни личности инсистираат на целосна дискреција.
– Често се појавуваме како возачи, асистенти или соработници. Целта е тие да се чувствуваат безбедно, а јавноста тоа да не го забележи – додава тој.
Безбедносните експерти предупредуваат дека популарноста не привлекува само обожаватели, туку и лица со лоши намери – од опсесивни фанови и уцени, до сериозни криминални закани. Токму затоа, велат тие, превентивните мерки можат да спречат многу потешки последици.
Инцидентот со бомбата фрлена врз домот на Здравко Чолиќ дополнително ја вознемири јавноста, имајќи предвид дека станува збор за уметник кој со децении важи за мирна и ненаметлива личност. Случајот со Даниел Кајмакоски, пак, покажа дека ни помладите генерации на естрадата не се поштедени од опасности.
