Мишел Фајфер моментално привлекува внимание со улогите во сериите The Madison и Margo’s Got Money Troubles. Примајќи престижно признание за кариера обележана со преземање ризици и постојано преосмислување на самата себе, актерката откри дека љубопитноста е главниот двигател на нејзините најхрабри професионални одлуки и емотивно им се заблагодари на колегите кои оставиле белег на нејзиниот пат.
Стравот како најголем мотив
Фајфер го почна говорот со неверување, прашувајќи ги присутните: „Дали јас навистина сум авангарда?“ Потоа го понуди своето толкување на тој впечатлив епитет.
„Што е потребно некој да биде авангарда? Одлучив дека ако тоа е личност со неисцрпна љубопитност и способност да продолжи напред и покрај стравот, посветувајќи се на нешто навистина ризично што понекогаш резултира со пионерски приказни, тогаш во ред, го прифаќам тоа“, изјави таа.
Нејзиниот инстинкт за ризик често е пресуден при изборот на проекти.
„Ме привлекува како молец кон пламен сè што ме плаши“, призна актерката, извинувајќи му се попатно на својот тим за непредвидливите одлуки што понекогаш ги носи.
Пред да премине на посериозни размислувања за уметноста, Фајфер ја насмеа публиката со признанието дека пред церемонијата случајно вдишала дел од пенливата маска за лице затоа што, како што се пошегува: „Само сакав да изгледам убаво.“
Сепак, хуморот набргу го замени со благодарност кон актерската заедница и подготвеноста на нејзините колеги емотивно да се оголат пред публиката.
„Најдобрите се оние поради кои сè изгледа лесно. Но ние знаеме дека не е така“, истакна таа, споредувајќи ја глумата со ранлив чин на целосно разоткривање:
„Тоа е како да кажете: Еве, луѓе. Ова е мојата душа. Ве молам, бидете нежни.“
Емотивни соработки и љубовна посвета
Фајфер посебно се осврна на своите најнови проекти, нагласувајќи дека улогата на Стејси Клајбурн во серијата The Madison е една од најкомплексните во нејзината кариера и упати посебна благодарност до актерската екипа предводена од Курт Расел.
„Нема луѓе со кои попрво би делела полски тоалет од вас.“
За крај ги остави најтоплите зборови за својот сопруг, телевизискиот автор Дејвид Е. Кели, чија адаптација на романот Margo’s Got Money Troubles ѝ ја донесе улогата на Шајен и можноста за соработка по повеќе од три децении брак.
„Му благодарам на мојот сопруг во вистинскиот живот, Дејвид Кели, што ми ја довери Шајен“, изјави актерката и го заврши говорот со романтична споредба со своите ликови од серијата:
„Стејси и Престон Клајбурн не можат да се мерат со нашата романса што трае повеќе од 33 години.“
View this post on Instagram
