19.8 C
Скопје
09:01 - 18 септември, 2026

Дуле е дел од мене и од секојдневието: Коки со емотивно сеќавање на концертот во Штип

Три години по емотивниот концерт во Штип посветен на неговиот долгогодишен музички партнер и пријател Душан Љубисављевиќ-Дуле, виолинистот Никола Јанков-Коки се потсети на вечерта исполнета со песни, средби и спомени кои, како што вели, не се забораваат.

„Три години од концертот во Штип. Сеќавање, емоции, средби, песни што не се забораваат. Наредната недела почнуваме со најава на концертот по повод-Коки Јанков (Дуле и Коки) ‘30 г. Виолина и гитара’ – 14 ноември, Македонска филхармонија“, објави Коки.

Концертот во Штип се одржа на 15 септември 2023 година во Домот на млади, десет години по смртта на Дуле. Местото имаше посебно значење за Коки, бидејќи токму таму биле почетоците на нивната заедничка музичка приказна.

Вечерта започна со силна емоција. Коки сам, без бендот, ја отсвире и отпеа „Што те нема“ од Јадранка Стојаковиќ, додека на видеобимот стоеше фотографија од Дуле. Во публиката беа и членовите на семејството на починатиот музичар.

По концертот, Коки зборуваше за емоциите и за тоа колку време му било потребно да се реши на ваков чекор.

„Многу време помина за да се решам на ваков чекор, едноставно сега беше моментот за да се направи сè на ваков начин. Бев многу возбуден пред концертот. Не се напив ни една чашка за да се опуштам, сакав да почувствувам сè и да се однесувам така како што ќе ми дојде во моментот. Емоционално бев супер, и по некоја песна се опуштив и почнав да уживам со публиката.
Дуле е дел од мене и од секојдневието. Дуле е дел од публиката и дел од песните што останаа запишани како историја и во убавите сеќавања на многу генерации. Должен сум да го продолжам тоа – вреди. Инаку, најавата на концертот беше ‘2013-2023’, но го променивме во ‘2013-засекогаш’“, изјави тогаш Коки.

Душан Љубисављевиќ-Дуле почина на 23 септември 2013 година, на 38-годишна возраст, по тешка болест. Со Коки оставија песни кои и денес се пеат, а нивната музичка приказна особено ја одбележа „Виолина и гитара“, со која се прославија на „Макфест“ во 1996 година.

По смртта на Дуле, Коки отворено зборуваше дека му било тешко да го продолжи музичкиот пат без човекот со кого со години ја делеше сцената.

„Во 2013 кога си замина Дуле, јас не знаев ни да свирам, ни да пеам. Не знаев што понатаму, не знаев како да продолжам со музиката и со настапите. Дуле беше пејачот, беше мангуп, луѓето го сакаа, јас секогаш бев во позадина“, раскажа Коки по концертот во Штип.

Сега, три години подоцна, спомените од таа вечер повторно оживуваат, а Коки најавува ново музичко поглавје. На 14 ноември во Филхармонија ќе се одржи концертот „30 години Виолина и гитара“, со кој ќе бидат одбележани три децении од музичката приказна што ја создадоа Дуле и Коки.

Слични објави

Хороскоп за 18 септември: Биковите ќе имаат незаборавни моменти со саканата личност

Еспресо

Марија Шерифовиќ отворено за синот, љубовта и гласините: „Се навикнав на темната страна на славата“

Еспресо

Милица Тодоровиќ откри како се снаоѓа со синот Богдан: „Не би можела без помош!“

Еспресо

Само две недели по венчавката со Ристовски, Аница Лазиќ испрати јасна порака: „Чувствувам презаситеност“

Еспресо

(Фото) „Љубови“: Емилија Мицевска ужива во првиот семеен одмор со синчето Давид

Еспресо

Ќерката на Николина Пишек казнета со 1.500 евра: Не се појави на судењето за милионскиот грабеж, судијката издаде налог за приведување

Е.А.
Се вчитува....