Легендарната актерка Милена Дравиќ е родена во Белград на 5 октомври 1940 година, а почина на 14 октомври 2018 година. Во текот на богатата кариера снимила повеќе од 90 филмови, а во околу 50 од нив имала главни женски улоги.
За својата работа добила бројни награди, меѓу кои и „Златната палма“ во Кан за улогата во филмот „Посебен третман“ на Горан Паскаљевиќ. Освоила и две „Златни“ и шест „Сребрени арени“ на Филмскиот фестивал во Пула, како и повеќе признанија за животно дело.
Со актерството започнала да се заниава уште како средношколка, а нејзиното филмско деби било во „Вратата останува отворена“. Во текот на кариерата играше во голем број култни филмови, меѓу кои „Утро“, „Козара“, „Битката на Неретва“, „Љубовниот живот на Будимир Трајковиќ“, „Работен однос“, „Мојот татко на определено време“, „Секула повторно се жени“, „Не им е лесно на мажите“ и „Зона Замфирова“.
Бред Пит ја започна кариерата покрај неа
Малку познато е дека Дравиќ му била мајка на Бред Пит во филмот со кој тој ја започнал својата актерска кариера.
Станува збор за американско-југословенската продукција, филмот „The Dark Side of the Sun“, снимен во Котор и околината во летото 1988 година. Пит го игра младиот Рик Клејтон, кој боледува од ретка кожна болест, додека Дравиќ ја толкува неговата мајка.
Филмот, сепак, не бил прикажан веднаш. Поради распадот на Југославија, неговата премиера била одложена, па публиката можела да го види дури во 1997 година.
На новинарско прашање одговорила со апчиња
Една од најпознатите анегдоти од животот на Милена Дравиќ се случила на Филмскиот фестивал во Кан.
Во друштво на Џек Николсон, Џон Ленон и Јоко Оно, на актерката ѝ пришла американска новинарка и ја прашала дали Југословенките знаат што е контрацепција.
Милена подоцна раскажувала дека во тој период имала силни мигрени и со себе носела апчиња против главоболка.

Наместо да одговори, ги извадила апчињата од чантата и почнала да фрла со нив по новинарката.
Случката веднаш станала тема во медиумите. За неа пишувале весници од целиот свет, а рускиот весник „Литературнаја газета“ ја критикувал актерката поради нејзиното однесување.
Самата Дравиќ подоцна открила дека инцидентот можел да има и сериозни последици за нејзината кариера. Според нејзиното сеќавање, продуцентот на филмот „Битката на Сутјеска“ ѝ се јавил и ѝ кажал дека нема да ја игра улогата што ѝ била наменета.
Љубовта со Драган Николиќ траела повеќе од 40 години
Покрај успешната актерска кариера, животот на Милена Дравиќ го одбележала и љубовта со нејзиниот колега Драган Николиќ.
Двајцата се запознале во 1969 година на снимањето на филмот „Хороскоп“. Во тоа време Милена веќе била голема ѕвезда, додека за Николиќ тоа бил само четврти филм.
Две години подоцна, во декември 1971 година, тие се венчале на сосема неочекуван начин. За време на паузата за ручек на снимањето на драмата „Како се сакаа две будали“, заедно заминале во општината Врачар и стапиле во брак.
„За време на паузата за ручек, Драган и јас скокнавме до општината Врачар за да се венчаме“, се присетувала Милена.
Нивната љубов траела повеќе од четири децении, сè до смртта на Драган Николиќ во 2016 година.
Во текот на заедничкиот живот работеа на бројни филмски и телевизиски проекти. Публиката особено ги памети како водители на популарната телевизиска емисија „Образ уз образ“, но и по заедничките настапи во серијата „Отпишаните“.
Милена Дравиќ почина во 2018 година, на 78-годишна возраст, оставајќи зад себе една од најбогатите филмски кариери на просторите на поранешна Југославија.
