Мери Кеј Летурно, учителка од Сиетл, САД, која во 1997 година беше осудена за силување на 13-годишниот ученик Вили Фуалау, со кого подоцна се омажи, почина од рак на дебелото црево по повеќемесечна борба. Летурно имала 58 години.
Починала во болница
Летурно починала во болница во понеделникот, изјавил нејзиниот адвокат Дејвид Герке. Покрај неа бил и нејзиниот поранешен сопруг и ученик Вили Фуалау, кој последниот месец бил со неа 24 часа на ден.
Седум и пол години во затвор за силување
Летурно имала 34 години кога го започнала сексуалниот однос со својот ученик од шесто одделение. Таа ја признала вината за силување на тогаш 12-годишниот Фуалау. Во 1997 година, додека ја чекале пресудата за обвинението за силување од втор степен, односно силување малолетник, Летурно ја родила нивната прва ќерка Одри.
Во тоа време на учителката спогодбено ѝ било одредено да помине шест месеци во затвор и да се држи подалеку од ученикот, меѓутоа по нејзиното ослободување од затворот во 1998 година, властите откриле дека парот ја продолжил својата врска. Спогодбата за признавање на вината на Летурно била отповикана и таа отслужила казна од седум и пол години затвор.
Парот подоцна добил уште едно дете.
Летурно и Фуалау се венчале во 2005 година, откако таа била ослободена од затвор. Но, Фуалау поднел барање за развод во 2017 година непосредно пред 12-годишнината од нивниот брак.
Била во брак за време на скандалот
Летурно била во брак и мајка на четири деца кога првпат го запознала Вили Фуалау, кога тој се приклучил на нејзиното одделение во 1992 година. Но тие ја започнале сексуалната врска четири години подоцна, кога тој имал 12 години.
Нејзиниот сопруг Стив Летурно ги пронашол љубовните писма што си ги праќале меѓу себе неговата сопруга и ученикот. Стив набрзо побарал развод, а добил и целосно старателство врз нивните четири деца.