Сезоната на јаготки само што почна, а со тоа што уживате да ги јадете, истовремено без да бидете свесни за тоа, си го зајакнувате имунитетот и помагате во спречувањето на појавата на одредени заболувања.
Јагодата е исклучително здраво овошје. Во нејзиниот состав се наоѓаат големи количини на витамин Ц, фолна киселина, растителни влакна, антицијаниди и кверцетин.
Сепак, за жал, луѓето веруваат дека за „супер храна“ важи само онаа што може да се набави на зелените пазари или да се купи од полиците на маркетите и за која треба да се плати многу пари, притоа не знаејќи дека релативно евтината јагода содржи значително повеќе нутритивни вредности отколку некое скапо егзотично овошје.
Изобилство витамини и минерали
Овој мал црвен плод, кој важи за омилена закуска во овој период од годината, важи за едно од најистражуваните овошја или зеленчуци. За здравствените придобивки што ги има секој доколку редовно јаде јагоди, досега се направени илјадници студии.
Токму податоците добиени од ваквите истражувања покажале дека доколку изедете околу 150 грама јагоди во рок од 24 часа, комплетно ќе ја задоволите потребата на витамин Ц во вашиот организам. Исто така со изедената количина јагоди од само 150 грама, на дневна основа ќе ја задоволите потребната количина растителни влакна за дури 50 отсто и 10 отсто од дневно препорачаната доза на калиум.
Покрај сите бенефити што ги нудат јагодите, тие исто така содржат многу малку калории, што ги прави одлична храна за сите што внимаваат на килограмите.
Исто така, концентрацијата на шеќер во јагодите е исклучително мала, што ги прави соодветна храна за дијабетичарите а присуството на фолна киселина, задолжителна закуска за трудниците.
Одлична храна за дијабетичарите
Во 2015 година, Американското здружение на дијабетичарите направило опсежно истражување во кое биле вклучени 37.000 жени на возраст од 30 до 50 години, кои немале проблем со шеќерот во крвта. На почетокот од студијата жените одговарале на прашањата околу тоа колку често имаат навика да јадат јагоди.
Истражувањето траело околу три години. На крај кога биле соопштени резултатите, утврдено е дека околу 3.000 жено што одбивале да јадат јагоди имале покачено ниво на шеќер во крвта, споредбено со оние што редовно јаделе јагоди и кај кои дијабетесот не бил случај. Според оваа студија, луѓето што барем еднаш неделно, јадат по околу двесте грама јагоди, имаат значително помалку шанси да развијат дијабетес од оние што во текот на годините, комплетно одбивале да го јадат ова овошје или го јаделе ретко.
Го зајакнуваат срцевиот мускул
Неодамна исто така било направено истражување околу улогата на јагодите во одржувањето на здравјето. Со истражувањето биле добиени резултати што покажале дека доколку една личност редовно јаде јагоди, има помали шанси да има деменција на поодмината возраст. Исто така, докажано е и дека јагодите исклучително многу помагаат во зајакнувањето на нашиот имунолошки систем, поради големото присуство на витаминот Ц во нивниот состав.
Меѓу другото, јагодите во својот состав содржат и калиум, кој пак помага во зајакнувањето на срцевиот мускул и одржувањето на здравјето, цврстината и густината на коските.