13.8 C
Скопје
09:29 - 24 април, 2024

Мијата: Мојот феминизам е само одговор на неправедно издигнатиот машки шовинизам во општеството

Јавноста ја знае по гласот, но вистинската професија на Наташа Мијатовиќ – Крстевска, позната како Мијата, е контролор на летање. Професијата контролор на летање не била на нејзината листа кога била дете. Како што вели, се освестила во август, 2001 година, дека „тоа е тоа“, после поминатата селекција и тестирани стотици кандидати за англиски јазик, специјализираните тестови за интелигенција и вештините и медицинските прегледи.

– Кога се свестив каде сум, согледав во колку „машки свет“ сум влегла. Kако Алиса во земјата на чудата. И ден денес не сфаќам зошто е тоа така: дали помалку жени се пријавуваат за оваа работа или помалку жени процентуално ги поминуваат тестовите на првата селекција? Дури мислам дека жените имаат природно поголем капацитет за извршување на повеќе работи истовремено, а тоа е една од главните вештини што се потребни за нашава работа. Но сега засега, само дваесетина жени во Македонија го увиделе тоа. Моментално толку жени работиме како контролори или помошници контролори на летање на скопскиот и охридскиот аеродром, и сочинуваме 23 отсто од вкупниот број на контролори на летање кои активно работат во моментот кај нас, вака го започнуваме нашиот разговот за „Женски печат“ со Мијата.

Како гледаш на поделбата на „машки“ и „женски“ професии, на „машка“ и „женска“ работа во домот, на „машки“ и „женски“ манири, речник, однесување?

– Тоа многу тешко ми паѓа. Предрасудите на општеството и очекувањата од родовите да се однесуваат според некој зацртан калап – тешко ми паѓа. Етикетирањето што е женска, а што машка работа – тешко ми паѓа. Па, зарем не знаат дека душата нема пол?!

Што според тебе жената најмногу ја прави жена? Што е тоа што тебе најмногу те прави жена?

– Анатомијата и раѓањето деца пред сè. Ми доаѓа да кажам и емотивноста, но тоа не би било точно. Познавам многу поемотивни мажи од жени кои, за жал, мораат да ги кријат своите емоции зашто тоа не е „мачо“ во нашето општество. XX хромозомите и хипофизата ме прават жена. Таа жлезда во нашта глава со големина на зрно грашок ги контролира сите останати жлезди. Од неа зависи дали жената е поестрогенска и поженствена или помалку. Сите ние имаме и машка и женска природа во себе. За мене, за да дојдам целосно во допир со мојата женска природа, најмногу придонесе мојот партнер.

По раѓањето на твоите деца, поради вишок мајчино млеко, замрзнатата количина си ја понудила на Клиниката, но оттаму немало интерес? Запознаена ли си, денес, до каде е државата по ова прашање?

– Да не постоеше електричната пумпа за измолзување, којзнае колку ќе настрадав со маститис во градите од вишокот млеко. Увозниците на вештачко млеко маркетиншки ги згрижуваат мајките што немаат доволно мајчино млеко. Но што е со тие што можат да надојат по две-три деца? Денешната модерна Македонија не прифаќа доење на туѓи деца, дури ни медицинските институции не прифаќаат донација на мајчино млеко. Јас се јавував во лактариумот на Државна болница, но од таму ми рекоа дека тоа е само за мајки што оставаат млеко за своите деца кои се во инкубатор. Клиниката немаше лабораторија за бактериолошко испитување и квалитет на мајчино млеко и поради тоа не примаа донации. Овој муабет е од пред четири години. Дали оттогаш нешто се сменило, искрено не знам.

Како мајка на две деца, од што најмногу се плашиш во однос на образованието на децата во оваа држава?

– Се плашам дека на државата воопшто не ѝ е битно квалитетно да ги образува децата. Зборувам за класично државно образование. Постојано сме во некакви реформи и експерименти врз децата. Син ми е четврто одделение и веќе седум наставнички се сменија во неговото одделение. Во држава која се грижи вистински за своите граѓани тоа не може да се случи. Нема како. Или пак, децата не им се доволно битни бидејќи не се дел од гласачкото тело.

Сите имаме наши внатрешни „непријатели“ кои се многу поопасни од оние, надворешните. Со кои свои непријатели моментно се бориш?

– Од неодамна почнав свесно да практикувам „контролорскиот идентитет“ да не го пренесувам и во другите сфери во животот. На работа, на фреквенција, кога контролорот издава наредба, некој од другата страна инстантно ја извршува. Затоа што од другата страна е пилот кој е истрениран во воздухoпловен манир и знае дека се работи пред сѐ за неговата безбедност. Но потоа, во секојдневниот живот, ништо не е така, и контролорот навикнат на таа ефикасност од фреквенција, доаѓа на некој шалтер каде што петпати треба да му објасни на некого во што е проблемот, или дома на децата да им повтори трипати една иста работа, или музички соработки со луѓе кои не функционираат така… Предизвик е да се најде трпение.

Што да очекуваме на музички план од тебе во 2020 година?

– Оваа 2020-та година ќе биде музичка за мене. Ќе почнам да работам и со други изведувачи како автор, се надевам на некои соработки со музичари од странство и секако, нов албум кој ќе биде заокружување на моето творештво од овој период. Зрелоста и задоволството ќе ги преточам во музика.

Во еден период од твојот живот ослабна 40-на килограми. Колку те промени диетата, новиот изглед? Освен „топењето“ на килограмите кои беа придобивките за личноста Мијата, самодовербата, зајакнување на карактерот? Што најмногу стави на тест за време на диетата? Се победи ли себеси?

– Вистина е дека ослабев 40 килограми и речиси сите ги вратив. Една од причините е бременоста, друга причина е Хашимото автоимуниот тироидит, трета причина е сменското работење, но најголем предизвик ми беше тоа што околината, особено спортивниот пол, почна да реагира на моето „ново“ тело. Моето битие беше во шок кога истите луѓе кои ме познавале со години наеднаш почнаа да ме гледаат со „други очи“. Им завидувам на жените кои знаат да ја манипулираат анималистичката природа на мажите. Јас едноставно не одам по тој пат – премногу е погубно за мојот дух.

Велиш дека го поддржуваш феминизмот. Можеш ли за себе да кажеш дека си феминистка? Што значи да се биде феминист во денешна Македонија, и во која сфера од живеачката жените имаат најранливи проблеми?

– Мојот феминизам е само одговор на неправедно-издигнатиот машки шовинизам во општеството. Жал ми е што нѐ доведоа, нас жените, во состојба постојано да се докажуваме. Кога жените ќе сфатат дека се всушност супериорни над мажите во многу сегменти од животот, докажувањето природно ќе исчезне. Мажите, исто така, немаат потреба да ги понижуваат жените за да се чувствуваат надмоќни. Ние сме заедно едни со други целина на овој свет.

 

Слични објави

„Се степав на училиште поради мајка ми“: Анастасија Ражнатовиќ си ја отвори душата за најтешките моменти од детството

Еспресо

Момченце починало поради предизвик на Тик Ток: Опасен тренд „хромирање“ се шири на социјалните мрежи

еспресо

Отворена прва продавница за алкохол во Саудиска Арабија: Ќе се купува алкохол со овластување

Еспресо

Мир Божји, Христос се роди! Народни обичаи и верувања за Божиќ: Бидете со најблиските и заедно прославете го Христовото раѓање

Еспресо

Старо верување: Скршете орев на Бадник и дознајте дали среќата ќе ве следи

Еспресо

Каква кармичка судбина ќе имате во 2024 според датумот на раѓање: Декодирајте ја иднината преку персоналната бројка и откријте што ве чека!

Еспресо
Се вчитува....