11.8 C
Скопје
20:26 - 28 март, 2024

Интервју со Катарина Ивановска: Не делувам наивно за некој да си дозволи да ми понуди непристоен предлог

Ивановска за „Слободен печат“ открива како го поминува карантинот со партнерот Цобе и со нивните деца Вања и Кира, како ги менаџира мајчинството и професијата, што значи да се биде на врвот во модниот свет, а најавува и дека има уште многу да направи во иднина.

Вие сте мултитаскинг мајка, максимално посветена на децата, а паралелно имате и успешна интернационална кариера. Како ги менаџирате мајчинството и професијата и кој сѐ ви помага околу тригодишниот Вања и десетмесечната Кира?

– Дисциплината со која живеам од дете ми помогна и во обврските со децата да воведам дневна рутина. Во првите 5 месеци по породувањето, не прифаќав ангажмани и тоа е период кога едноставно не сакав да се одвојувам од децата. Искрено и Слободан (Цобе), мојот партнер, е многу активно вклучен во воспитувањето и во секојдневните потреби на Вања и на Кира.

Со Вашиот партнер Цобе сте во врска долги години. Размислувате ли за стапување во брак?

– Мојата одлука да бидеме во таков тип релација и семејство се заснова на размислување и донесување заедничка одлука да бидеме семејство на две индивидуи кои, пред сѐ, се во љубовна и во пријателска длабоко искрена релација. Хартијата од матично во моментов не ни претставува ниту приоритет. Се разбира, некогаш кога ние ќе посакаме, тоа и ќе се случи.

Со оглед на моменталната ситуација со пандемијата на коронавирусот, карантинот тешко се поднесува. Како го поминувате карантинот со децата и со партнерот и што најтешко им паѓа?

– Кира е многу мала за да е свесна за промените, а на Вања моравме да му ги објасниме новонастанатите околности. Голем дел поминуваме во природа, а тоа за децата е, сепак, и најзабавно и најздраво.

И во текот на бременоста бевте физички активна и имавте совршена линија. Колку вишок килограми добивте во бременоста и како ги елиминиравте?

– Немав што да елиминирам, бидејќи немав масни наслаги и килограми што се над потребното за здрава бременост. Мојата генетика и овој пат беше мој сојузник. Инаку, морам да ви признаам дека најгурмански се однесував во првите денови од бременоста.

Носевте ревии и снимавте едиторијали за светски познати дизајнери, Валентино, „Долче и Габана“, Вивиен Вествуд, Роберто Кавали, „Диор“, Ели Саб… Што беше за нив пресудно токму Вас да Ве одберат за нивните кампањи и ревии?

– Знаете, кога имате среќа во оваа професија да бидете одбрани за работа во неа, тоа значи дека имате нешто што им треба. Не мислам дека само убавината беше пресудна за нив, она што сите го забележаа е вродениот талент за оваа работа и мојот професионален пристап. Имав среќа да бидам во тој момент она што на високата мода ѝ треба. Тоа би бил комплетниот одговор.

Колку е просечна месечна заработувачка на една професионална манекенка во светски рамки, а колку во Македонија?

– Модната индустрија е мултибилионски бизнис и природно е фотомоделите и манекенките што го жртвуваат најкревкиот дел од својата младост да бидат платени добро. Но, притоа мора да знаете дека со тие хонорари самите си ги плаќате трошоците за кирии, авионски карти и слично, бидејќи ова е бизнис во кој од вас се бара да живеете во некој моден светски центар. За мене тоа беше Њујорк.

Дали и понатаму сте активни во професијата, имате ли странски ангажмани? Работите ли и во Македонија?

– Со намален интензитет, бидејќи основав семејство, прифаќам само ангажмани што се добро платени и каде што точно се бара да бидам јас модел. Но, снимам и во Македонија со модни креатори чија работа ја оценувам како врвна, а нивниот талент светски.

Колку се вистински приказните за дрогата и за сексот во модниот свет? Дали е тоа клише што ја следи оваа професија или, пак, има делумна вистина?

– Модниот бизнис одамна не е во својата декадентна гламурозна форма. Тоа е сериозен бизнис, кој не толерира декаденција со која ќе се наруши одговорноста на манекенот, а особено не угледот на агенцијата. Живееме во свет каде што нема мистика околу некоја професија и денес, со што сѐ се соочува еден модел, се разговара јавно, а агенциите и модниот печат стимулираат таков дијалог.

Многу славни личности и од светот на модата се охрабрија да ги изнесат јавно непристојните понуди и искуства што ги имале во текот на кариерата. Дали Вие некогаш сте добиле непристојна понуда или сте имале непријатно искуство? И на кои замки треба да се внимава во модниот свет?

– Сѐ зависи од стандардите на агенцијата што се грижи за вашата кариера. Јас имав среќа да работам со врвни модни фотографи, чиј талент оставил безвременски печат. Восхитувачки е да се биде дел од една модна фантазија пренесена низ модна фотографија. Не знам, можеби поради мојот став, кон мене никој не си дозволил да биде непристоен. Јас не делувам ниту наивно ниту кревко за да може некој да си дозволи да ми понуди непристоен предлог. Многу сум среќна што се зборува за тоа и што јавно се посочуваат аномалиите поврзани со злоупотребата на моќта од која било професија. Тоа ќе ги направи овие професии многу побезбедни.

Што потоа? Знаеме дека манекенството е прашање на момент, но дека тоа не е животна определба и дека паралелно со манекенската кариера е неопходно да се создаде основа за иднината. Кои се Вашите планови?

– Во заблуда сте, манекенството е животна определба ако вашиот потенцијал е огромен. Денес сведочиме за многу вработени манекенки и над педесеттата година. Она што следува потоа е да уживам во плодовите од мојата работа и да создадам некаква активност што ќе ме исполнува. Искрено, филантропските и хуманитарните иницијативи за мене се најубавиот дел од мојата јавна појава кај нас. Јас имам многу среќа и сакам да бидам ангажирана нашата земја да биде среќно, здраво и просперитетно општество.

 

Слични објави

Момченце починало поради предизвик на Тик Ток: Опасен тренд „хромирање“ се шири на социјалните мрежи

еспресо

Отворена прва продавница за алкохол во Саудиска Арабија: Ќе се купува алкохол со овластување

Еспресо

Мир Божји, Христос се роди! Народни обичаи и верувања за Божиќ: Бидете со најблиските и заедно прославете го Христовото раѓање

Еспресо

Старо верување: Скршете орев на Бадник и дознајте дали среќата ќе ве следи

Еспресо

Каква кармичка судбина ќе имате во 2024 според датумот на раѓање: Декодирајте ја иднината преку персоналната бројка и откријте што ве чека!

Еспресо

Денес го славиме Свети Игнатиј, еве што (не) треба да правите

Еспресо
Се вчитува....