12.8 C
Скопје
08:46 - 29 март, 2024

Време е за тинтрање!

Откако ја накитивте елката, го украсивте домот – според сечија желба, ваму да светка, а таму да трепка, се „лактавте“ низ гужвата во продавниците за да ги набавите сите потребни продукти, да ги набавите сите подароци и пакетчиња, па нели нормално почнавте со подготовките за „најлудата ноќ“.

Се пикнавте во кујната и замоткавте 100 новогодишни сарми, испековте прасе (или ви го испекоа), исецкавте и направивте еден тон руска, бела, пилешка… салата. Со ножот делкавте и редевте сувомеснати, кашкавал, сирење… нели мора сè да има. Ги исполнивте и желбите на децата за кифлички, мини пици и ледени коцки, нормално.

Лудо ја поминавте ноќта, најпрвин мислејќи ги децата со кого и како се, потоа додавајќи и принесувајќи работи на масата, внимавајќи ништо да не недостасува, доколку забавата „се случувала“ во вашиот дом. Да не ве потсетувам на претходното чистење, да не ви дојде премногу. И доколку сте биле нечија гостинка, верувам сте пружиле рака за помош. Откако ги ислушавте новогодишните „балади“, танцувавте „незаборавно“ (друг збор не ни можам да најдам по 48-часовното готвење), на врата ви тропна новата година, во која јас искрено ви посакувам да ви биде помалку „луда“. Дојадовте колку што се можеше и се изнаигравте со последните сили, потоа ви следуваа садовите, пакувањето, виткањето… ништо не се фрла.

На 1 јануари станавте со чувство како да ве удрил автобус, ги дочекавте децата (кој како, зависи од возраста, некој со нив морал и лудо да се забавува), како инспектор ги распрашавте што правеле, колку испиле и сл. Потоа дојдовте до ручекот каде повторно одвиткувавте, дојадувавте, па повторно пакувавте, како во магичен круг, нема крај.

Потоа направивте обиколка да ги разнесете пакетчињата, Дедо Мраз мора да стигне под секоја елка, под елката на децата, внуците, комшиските другарчиња, кај децата на пријателите, буквално секаде.

Таман земавте некој здив, одморивте нозе и душа, ве разбудија коледарчињата за кои однапред подготвивте мини пакетчиња, дојде Бадник заедно со посните специјалитети, од варени костени, печена тиква, риба, суво овошје, компир салата, посни пити…. ви велам јас ова е магичен круг и навистина нема крај.

Утредента Божиќ, од посното на мрсно, повторно прасе, руска, една салатка поосвежителна, друга што ви ја шепнала комшиката, колаче, тортичка, па дојадување и пакување уште неколку дена потоа… и така вие се вртите магично во тој круг. Ве фатила и вртоглавица, но не можете да забележите, немате време од сета таа подготовка.

И за Стара Нова година претпоставувам дадовте достоинствен напор.

Дури и да не сте се вртеле во ваков магичен круг и доколку сте биле на патување, повторно сте го доживеале речиси истото, но со помалку мака, среќни биле и оние кои „порачале“ дел од кај мама, дел од кај свекрвата.

Стоп! Крај, жени мои најубави, очи уморни и раце највредни, сега е време за тинтрање, но не на другите, тинтрање на себеси.

Да, доста беа специјалитети, вие сте сега најважни! Од денес имате задача за рехабилитација, физичка и психичка. Имате задача „лудо“ да се прочистите и одморите. Ви предлагам масажа, тинтрајте си го телото, маникир и педикир за тинтрање на ќефот, солена купка и убава книга за тинтрање на душата. Нова фризура за вистинско задоволство. Без разлика дали во салон или дома (секој според својата черга) тинтрајте се до максимум. Од глава до пети, сега е време само за вас и за вашата вредна душа. Знаете како велат – „рани душа да те слуша“!

Слични објави

Момченце починало поради предизвик на Тик Ток: Опасен тренд „хромирање“ се шири на социјалните мрежи

еспресо

Отворена прва продавница за алкохол во Саудиска Арабија: Ќе се купува алкохол со овластување

Еспресо

Мир Божји, Христос се роди! Народни обичаи и верувања за Божиќ: Бидете со најблиските и заедно прославете го Христовото раѓање

Еспресо

Старо верување: Скршете орев на Бадник и дознајте дали среќата ќе ве следи

Еспресо

Каква кармичка судбина ќе имате во 2024 според датумот на раѓање: Декодирајте ја иднината преку персоналната бројка и откријте што ве чека!

Еспресо

Денес го славиме Свети Игнатиј, еве што (не) треба да правите

Еспресо
Се вчитува....