22.8 C
Скопје
13:20 - 29 март, 2024

Исаура од „Преспав“ ги урива стереотипите вкоренети во нашето општество

Околу предизвиците со кои се соочува во животот младата и перспективна актерка Емра Куртишова зборува за „Слободен печат“.

Актерката Емра Куртишова на македонската јавност ѝ стана позната по улогата на Исаура што ја глуми во мегапопуларната серија „Преспав“.

Инаку, покрај нејзиниот ангажман во оваа серија, младата актерка е редовно вработена во Театарот за деца и младинци во Скопје каде што учествува во реализацијата на многубројни претстави, со кои на најмладата публика ѝ вкоренуваат љубов и почит кон оваа уметност уште од најмала возраст.

Инаку, Емра во 2009 година дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Околу предизвиците со кои се соочува во животот, како и за љубовта што ја негува кон животните, но и кон театарската и филмската уметност, оваа млада и исклучиво перспективна актерка, зборува за „Слободен печат“.

Како ја добивте улогата на Исаура во една од најпопуларните македонски серии „Преспав“?

– Сосема неочекувано добив повик од продукцијата за учество во серијата со една епизода. По завршувањето на третата сезона, повторно добив повик за средба, каде што ми беше предложено да бидам дел од главниот кастинг во четвртата сезона. Морам да признаам дека навистина се израдував.

Дали имате актерско педигре кога станува збор за филмска и за телевизиска улога?

– Па не можам баш да се пофалам со искуство пред камера. Не дека не сум снимала филмови, но едно е кога добиваш мала споредна улога, а друго кога ти се дава доволно простор за да можеш да се стекнеш со искуство, да можеш да го развиеш ликот, да истражуваш. Уште кога ќе ти се погодат и режисерите, тука веќе успехот е загарантиран.

Глумевте во третата и во четвртата сезона на „Преспав“. Дали ќе Ве гледаме и во петтата сезона?
– Искрено се надевам и сакам да биде така.

Колку има слобода во изборот на улоги, а колку е тоа трка за преживување?

– Слобода во избор на улогите секогаш имало. Секој има право да прифати или да одбие. И покрај тоа што кај нас ретко се снимаат филмови, не значи дека по секоја цена треба да се прифати. Во мојот случај станува збор за серија што обработува стереотипи, серија која е огледало на општеството и дава до знаење како не треба. Токму поради овие причини „Преспав“ доживеа успех каков што доживеа.

Која е Емра во приватниот живот?

– Во приватниот живот, љубов ми се животните. Години наназад бев една од најгласните за нивни поголеми права, но, за жал, сфатив дека во државичкава тоа не е ни на последно место на листата за пронаоѓање решение. Сега се борам сама, спасувам животни колку што можам и пробувам да си ја зачувам присебноста, бидејќи тоа што секојдневно го гледаме е навистина вчудовидувачки. Вегетаријанка сум веќе осум години, причините се јасни. Не користам Фејсбук затоа што сметам дека тоа е најнегативната социјална мрежа.

 

Кои се разликите, а кои сличностите помеѓу Емра и Исаура?

– Емра и Исаура се небо и земја. Карактерот на Исаура манипулира, пресметлив е, не избира средства за да дојде до она што го посакува. Но, без сите овие карактеристики, Исаура не би била интересна, мора да има доволно материјал за да се изгради ликот. Во една од епизодите видовме како во соработка со Марио и Талат го спасуваат јагнето од колење, па ете, најверојатно сличноста е љубов кон животните.

Дали имате омилен лик од „Преспав“ и кој е тој?

– Не можам да издвојам, сите ликови имаат специфичност, и сите се интересни на свој начин.

Во Вашата колумна од пред неколку години на еден македонски портал напишавте дека не го зборувате ромскиот јазик. Дали во меѓувреме го научивте?

– Јас го разбирам јазикот, меѓутоа малку потешко ми оди зборувањето. Во серијата добив голема помош од Лоренцо (Бајрам Северџан) за да ги изговорам правилно репликите на ромски. Ќе се согласиме дека за да се зборува еден јазик, потребна е секојдневна комуникација. Јас израснав во семејство каде што меѓусебната комуникација беше и сè уште е на македонски јазик и сметам дека тоа е главната причина.

Со кои колеги најдобро комунициравте и се согласувавте за време на снимањата на „Преспав“?

– Морам да признаам дека без исклучок сите од екипата ме прифатија одлично. И покрај тоа што тие претходно веќе снимија три сезони, беа доволно отворени за соработка со нови ликови, а како што видовме, кастингот оваа сезона беше збогатен со два нови лика, Дончо (Владимир Тулиев) и Исаура. Комуникацијата беше одлична, со оглед на нивното искуство добивав совети во однос на карактерот на Исаура и за тоа сум им многу благодарна.

Дали сметате дека треба да се воведат нови ликови во серијата за да биде уште поинтересна за гледачите?

– Па, мислам дека тоа всушност е и идејата на продуцентот. Зад камерите на „Преспав“ работи голема екипа, која точно знае што прави. Воведувањето нови ликови, според мене е позитивна страна и за гледачите, но и за многу актери што би можеле да се здобијат со интересно искуство, бидејќи станува збор за малку поинаков продукт, односно нешто помеѓу театар и филм.

Дали Ви се исполнија очекувањата кога станува збор за популарноста?

– Искрено, не можам да кажам дека очекував популарност. Многу поважно ми беше гледачите да го прифатат ликот на Исаура и, за среќа, тоа се случи. А, популарност како популарност тука кај нас, па и во светот, е минлива работа, затоа што таа треба да се потврдува со константни успеси и докажувања. Сметам дека за да се достигне вистински тоа, потребни се години искуство во професијата и, секако, многу вложен труд.

Слични објави

Момченце починало поради предизвик на Тик Ток: Опасен тренд „хромирање“ се шири на социјалните мрежи

еспресо

Отворена прва продавница за алкохол во Саудиска Арабија: Ќе се купува алкохол со овластување

Еспресо

Мир Божји, Христос се роди! Народни обичаи и верувања за Божиќ: Бидете со најблиските и заедно прославете го Христовото раѓање

Еспресо

Старо верување: Скршете орев на Бадник и дознајте дали среќата ќе ве следи

Еспресо

Каква кармичка судбина ќе имате во 2024 според датумот на раѓање: Декодирајте ја иднината преку персоналната бројка и откријте што ве чека!

Еспресо

Денес го славиме Свети Игнатиј, еве што (не) треба да правите

Еспресо
Се вчитува....