10.8 C
Скопје
11:11 - 19 април, 2024

Интервју со Мерсиха Шукри: Секогаш сум искрена и критична, најмногу кон себе

Нечисто Скопје, полно со ѓубре, општата некултура на граѓаните за односот кон својот град, се нешта кои ме одбиваат, вели харфистката Мерсиха Шукри за „Женски печат“.

Се одлучила за харфа зашто универзумот така сакал, а велат ништо не е случајно во животот.
А, кога Мерсиха Шукри свири на харфа, целиот универзум пее со неа.

– Средношколските денови ги започнав во општа гимназија. Имаше еден информативен час на кој се претставуваше харфата од страна на две руски харфистки. Претходно учев пијано, но некако не се пронаѓав како пијанист. Затоа пак, харфата ми разбуди една нова визија каде што се пронајдов целосно. Таа не беше застапена во образовниот систем претходно и можеби мојата желба за нешто ново, авантуристичкиот дух, нејзиниот племенит звук беа пресудни да се вљубам во неа и да започнам едно ново патешествие. Така, паралелно се запишав и во средното музичко училиште – вака го почнуваме разговорот со харфистката Мерсиха Шукри.

Од уметничко семеjство си, што најмногу научи од твојот татко, генијалниот Рамадан Шукри?

– Секогаш да бидам искрена и критична, најмногу кон себе. На неправдата да не реагирам емотивно, што тешко го совладувам. Да се изборам за своите права, не користејќи валкани средства и притоа не повредувајќи никого. Вистината и емпатијата да се присутни секогаш. И ден денес учам секојдневно од него, како за музиката така и за животот воопшто.

Со оглед на тоа што беше прв студент на отсекот харфа при ФМУ, од кого учеше?

– Една од руските харфистки кои ги спомнав погоре, Лејла Урманов, ми стана професор по харфа. Секако, подоцна моето образование го продолжив надвор од нашата држава – специјализација во Париз кај светски познатата харфистка Кетрин Мишел, додека магистерските студии ги завршив кај проф. Милица Бариќ во Белград. Имав можност да работам и со безброј светски харфисти преку разни семинари, работилници и курсеви.

Харфата е скап инструмент, кога и како ја купи?

– Својата харфа ја купив дури после моето дипломирање. Дотогаш зависев од институциите за каков било настап или концерт. Уште кога почнав да учам да свирам, имав одлука дека ако еден ден купам харфа, ќе биде голема концертна. Тоа значеше и долгогодишно штедење. Харфата ја купив во Италија и знам дека бев воодушевена и маѓепсана од глетката на толку многу харфи на едно место.

Минатата година имаше несреќа, беше прегазена на пешачки премин од моторциклист, кој избегал. Дали правдината, на крајот, пристигна?

– За жал, не. Случајот се затвори пред неколку месеци, а виновникот не се најде. Не знам, кај нас правдината или е многу спора, ама најчесто не стигнува. Знам само дека имав голема среќа што останав жива и ја надминав повредата. Секако последиците ќе останат, но човек учи да живее со нив.

Колку сме хумани во денешно време? Што за тебе значи хуманоста?

– Еден личен пример поврзан со претходното прашање и околу хуманоста. Кога ми се случи несреќата, никој од околните возила, ниту од пешаците не ми пријде да праша или да ми понуди помош. Со тој шок, сама се упатив кон градската болница, а подоцна сфатив дека тоа беше многу неразумно од моја страна.
Начинот на брзото живеење, отуѓеноста меѓу луѓето, нè прави затворени во еден свој свет. Не гледаме подалеку од самите нас. За мене хуманоста не значи само да поделиш нешто со некого, туку значи да си исполнет со љубов, емпатија, да имаш чисто срце, јасна мисла. Да му приоѓаш на човек искрено и со разбирање затоа што секој носи своја приказна, своја тежина. Ако можеме да му помогнеме или да му го разубавиме моментот, тогаш сме направиле многу – не само за него, туку и за нас.

Што најмногу ти се допаѓа во родното Скопје, а што најмногу те одбива?

– Скопје со својата околина има многу убави места. Мислам на оние природни убавини каде што можете да избегате од градската бука и да се препуштите на тишината, медитацијата. Не би сакала да издвојам некое посебно место, затоа што за мене луѓето ги прават местата. Нивната енергија со која зрачат. Моментално, во оваа предновогодишна еуфорија, центарот, украсениот плоштад и безбројните детски ликови кои се растрчани и се радуваат на таа магија, ми е едно од местата кои ме исполнуваат со многу позитивна енергија.
Нечисто Скопје, полно со ѓубре, општата некултура на граѓаните за односот кон својот град, се нешта кои ме одбиваат. Од кога знам за себе, Скопје, како град во котлина, секогаш имало магла. Но загадениот воздух е нешто навистина за што треба да се замислиме. Од многуте градби изградени, го нема ветрот. Го нема просторот каде градот може да дише нормално. А со него и ние, граѓаните.

Си била ли некогаш во искушение да ја напуштиш земјата?

– Искрено, да. Дури и сум имала можност, но некој склоп на околности ме задржал во земјава. Имаме прекрасна и многу убава земја со изобилие на разни култури, како еден мозаик. Богатството од тие култури е нешто што ретко се наоѓа и затоа треба да се почитува и да се негува.

Со што си преокупирана во моментов?

– Со новогодишните концерти на Македонската филхармонија каде што работам. Најмногу се радувам на детскиот концерт. Секако, тука се и плановите за следната година.
Деновиве размислувам, од духовен аспект, ја сумирам година што изминува – разни ситуации, луѓе, случувања.

Која според тебе е жена со стил и зошто сметаш дека таа има стил?

– Имаме многу жени кои со својот стил се посебни и препознатливи.Тешко е да се издвои една. Но еве, би ја спомнала Каролина, која секогаш е елегантно облечена, со природна ненападна шминка, со умерено и ненаметливо однесување. Некако се имам пронајдено во тој стил.

Колку Турчинките во Македонија се во тренд со модните случувања?

Колку што можам да забележам, ги следат модните случувања. Знаеме дека поголем дел од гардеробата ни пристигнува од Турција. Сите новитети во поглед на модата таму, се наоѓаат и кај нас. Дури и оние Турчинки кои одлучиле, заради верата да се покријат, ги следат модните случувања. Имено, може да се забележат марами со раскошни кроеви, интересни детали, па дури и начинот на врзување да е поразличен. Покрај гардеробата, тука е и шминката и естетското разубавување. Според мене, модните трендови се менуваат и жената треба да се пронајде себеси во она што го носи, а уште повеќе да се чувствува убаво. Нејзината внатрешна убавина и шарм секогаш ќе бидат дел од секој моден тренд.

За мене хуманоста не значи само да поделиш нешто со некого, туку значи да си исполнет со љубов, емпатија, да имаш чисто срце, јасна мисла. Да му приоѓаш на човек искрено и со разбирање, затоа што секој носи своја приказна, своја тежина. Ако можеме да му помогнеме или да му го разубавиме моментот, тогаш сме направиле многу – не само за него, туку и за нас.

Слични објави

„Се степав на училиште поради мајка ми“: Анастасија Ражнатовиќ си ја отвори душата за најтешките моменти од детството

Еспресо

Момченце починало поради предизвик на Тик Ток: Опасен тренд „хромирање“ се шири на социјалните мрежи

еспресо

Отворена прва продавница за алкохол во Саудиска Арабија: Ќе се купува алкохол со овластување

Еспресо

Мир Божји, Христос се роди! Народни обичаи и верувања за Божиќ: Бидете со најблиските и заедно прославете го Христовото раѓање

Еспресо

Старо верување: Скршете орев на Бадник и дознајте дали среќата ќе ве следи

Еспресо

Каква кармичка судбина ќе имате во 2024 според датумот на раѓање: Декодирајте ја иднината преку персоналната бројка и откријте што ве чека!

Еспресо
Се вчитува....