7.8 C
Скопје
07:27 - 20 април, 2024

Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Настани, претстави, гастрономија, забави…Еве што би можеле да правите во Скопје овој викенд, од 28. февруари до 1. март.

Здраво-живо драги скопјани, како сте денес? Уште ли ве држи индукционото коронавирус лудило? Да не ви даваме нова идеја за шопинг, ама според лекарите, најефикасен дезинфектор е оцетот. Така да, со зејтините и брашната и ракијата што ги изнакупивте не вршите голема работа. Оцет му е мајката!

Додека чекаме известување од Владата дали ќе се одложат сите јавни собири или не – што значи и целава оваа програмска „шема“ за забави, претстави и дружења во Скопје – да ви се пофалиме дека дегустиравме пастрмајлии во „Pizza House“ на улица Ленинова. Извонредни се!

Инаку, ние сме загреани за денешниот концерт на „Баклава“ во МКЦ. По неколку години создавање, конечно излегува четвртиот албум насловен „IV“.  Јубилеен со своите четири страни, албумот содржи 13 песни, огромна екипа, различни жанрови и претставува вртење на сосема нова страница во работата на познатата македонска група.

– Голема среќа и задоволство е да имаш огромен број музичари, мајстори, виртуози на своите инструменти и преубави личности. Овој албум нѐ сплотува во една голема фамилија. Секако, да споделуваш мисли и музика со Дарко Рундек и да станеш дел од посветеноста, ведрината и енергичноста на „Суперхикс“ е многу радосно. На концертот ќе бидеме девет музичари на сцена и во тој состав ќе ги претставиме песните од новиот албум. Беше голем предизвик да се соединат сите овие инструменти, ама сега звучи магично и многу возбудливо. Гости на концертот ќе ни бидат „Суперхикс“, па така ќе си побоиме заедно, ни рече вокалистката Елена Христова.

Ајде да ги погледнеме заедно другите настани во Скопје за овој викенд, секако, доколку не се откажат.

ПЕТОК

18 часот

Возот наречен „ЖЕЛБА” со екипата на Гастротека Сиеста стигнува во третата станица – во својата 3-та Сесија – од патувањето низ Македонските мали бутик винарии.После работа би можеле да го посетите Винскиот подрум на Сиеста, во центарот на Скопје (на ул. Луј Пастер 19). Винските советници ќе ви претстават 3 етикети перјаници на Винаријата Лазар од неготинскиот регион во Тиквешијата. Резервирајте си со време место, за 600 денари по лице.

18 часот

„Афтерворк“ забава традиционално има во „Гнездо Кичен Бар“, на улица Македонија, а овојпат ќе ве забавува бендот Куку Леле.

19 часот

Дали сте подготвени за мозаик од добра музика? Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ се случува Мозаик Фестивал. Настанот е поддржан од Делегација на Европската Унија и Пивара Скопје.

19 часот

Во Театарот за деца и младинци ќе се изведува претставата „Малата Сирена“. Во неа ќе видите како големата и вистинска љубов победува и успева да ги помири сите различности. Но, ќе видите и колку е тежок и полн со искушенија патот на израснувањето и созревањето. Режијата е на Дејан Дамјановски, автор е Русомир Богдановски, а играат: Винета Дамческа, Ненад Митевски, Владимир Лазовски, алтернација Мартин Јорданоски, Предраг Павловски, Драган Довлев, Изабела Новотни, Катарина Илиевска Силјановска, Марија Ѓорѓијовска, Ана Левајковиќ Бошков.

20 часот

Не го пропуштајте „Отело“ во Македонскиот народен театар. Станува збор за копродукциски проект меѓу Перипетија продукција, Македонски народен театар и Босанско народно позориште Зеница. Режисер е Нина Николиќ, а драматург Тамара Барачков. Композитор – Дуке Бојаџиев. Играат: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Aлександар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ – Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед

21 часот

Веќе ви спомнавме, ние сме во МКЦ, во салата Фросина, на концерт на „Баклава“. Станува збор за концертна промоција на новиот албум насловен „IV“ и истот ќе биде достапен и на винилно издание, кое ќе може да го набавите на промоцијата. Билетите по цена од 250 денари можете да ги набавите на билетарница во МКЦ или оnline преку bileti.mkc.mk. Набавете си билет навреме, втор концерт нема да има.

21.30

Кој е за латино забава, право во Umbrella (во ГТЦ, поранешно кафе Чао). Одговорен за забава е DJ GUARDIAN. Специјална промоција на вечерта: сите пијалоци се на половина цена во периодот помеѓу 21 и 22 часот.

22 часот

Why Not свирка и у петок?! Дестинацијата е пивскиот бар Woodstock Beer Bar, на ул. Рузвелтова.

22.30

После десет ипол, во Епицентар почнува забава – 1ST QUEER Sphere PARTY. Со вас ќе се забавуваат Dj ODA HALITI (Косово), Dj JOVIJAH (Србија) и Dj MELANIE DIGIT (Македонија).

САБОТА

8 часот

На Кејот на Вардар се организира третата Најк трка. Старт и цел е на патеката на кејот на реката Вардар – Кај Жабарот,веднаш до скејт паркот. Се трча по асфалтираната патека до мостот кај Александар Палас и назад (точно 5 км.). Пријавување и подигнување на бројчињата e во 8 ч. а старт е во 8 ч. 30 мин. Стартнина не се наплаќа и секој учествува на сопствена одговорност. Контакт: Кокан Ајановски 078 402 665.

12 часот

Во населбата Аеродорм се отвора Едукативно Катче Би – Едукативен Центар за деца и возрасни. Ќе имате можност да се запознаете со новиот центар, со едукаторите и тренерите и секако, да се забавувате.

13 часот

Во Музејот на современа уметност, од 13 до 17 часот, ќе има саботно матине по повод затворањето на изложбата „Се што ни е заедничко“. Ќе биде организирана и кураторска тура за сите посетители што ќе сакаат да ја погледнат поставката. Турата ќе ја предводи Бојана Јанева – Шемова, куратор во одделот за едукација при музејот. По тој повод предвиден е и мал коктел.
Инаку, поставката „Се што ни е заедничко беше отворена на 21 декември, минатата година. Кураторки се Мира Гаќина и Јованка Попова.
Со уметнички инсталации, видеа, скулптури, перформанс и фотографии се претставија предводници на светската курентна уметничка сцена, кои денес изложуваат во сите водечки уметнички центри низ светот Тејт, Гугенхајм, Мома Њујорк… како Хито Штејерл (Германија), Тања Бругуера (Куба), Артур Жмијевски (Полска), Џулиета Аранда (Мексико), Адриан Паци (Албаниjа), Даниел Гарсиа Андухар (Шпанија), Сања Ивековиќ (Хрватска), колективот Что Делат (Русија), Антон Видокле (Русија и САД) и афирмираните македонски уметници Христина Иваноска, Нада Прља и Ѓорѓе Јовановиќ.

14 часот

Колегата Фидан прашува – ДАЛИ „РОМАНТИКАТА“ ЌЕ БИДЕ ПОСИЛНА И ОД ВАРДАР?
Во Национална арена „Тодор Проески“ време е за градското дерби, Работнички добро ја започна битката за опстанок во Првата лига, врза две победи по ред. Останува прашањето дали „романтичарите“ на ова гостување ќе можат да го надиграат Вардар кој нема пораз во шампионатот од 9 ноември минатата година.

17.30 часот

РАКОМЕТНА ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ФРАНЦУСКИ ПРЕДИЗВИК ЗА ТИМОТ НА АЛУШОВСКИ. Во СЦ Јане Сандански македонскот и европски шампион Вардар против Монпелје ќе го игра последниот натпревар во групната фаза и воедно викендов ќе го дознае противникот во осминафиналето. Билетите за натпреварот се веќе во продажба преку www.ticketplus.mk и на билетарницата на СЦ „Јане Сандански”.

20 часот

Во Театар Комедија ќе се изведува претставата Викенд на мртовци. Автор : Миле Попоски. Режисер: Ѓорѓи Ризески

20 часот

Во Камерната сала на Филмхармонија бидете сведоци на француски шмек и балкански мелос – концерт ќе има извонредното француско трио „Ана Кап“, заедно со македонскиот диригент и композитор Џијан Емин, како и со Гудачки квартет во состав: Марија Трајковска – виолина, Бојан Илкоски – виолина, Оливие Самуилан – виола (Франција) и Марија Михајловска – виолончело.
Ана Кап Триото – Пјер Миле, труба, Мануел Декок, виолина и Жан Мишел Трото, хармоника, веќе имаа концерт во Филхармонија кога го презентираа фантастичното „Траума шоу“.

Инаку, концертот „Ана Кап, Џијан Емин и Гудачи“ ќе претстави музика која во себе ги инкорпорира европските и балканските мелоси, а во кои се мешаат танцовите форми, џезот, класиката…

20 часот

Во „Комитет“ ќе се одржува првиот трансродов ПичПрич. Темата е „Мојата приказна“, а раскажувачи се:

Алекс Ристовски, трансродов маж. Оди на психодрама за личен раст и развој и обожава да чита книги.

Tōkyō de Ville, дрег кралица од Скопје, чиј дрег е политички настроен и со цел да го покаже револтот што е резултат на опресија.

Предраг Јовановски, транс маж од Свети Николе. Студира семејни студии и веќе двапати настапувал на ПичПрич, на големо задоволство на публиката.

Даниел Проданов, од Струмица, квир трансродов маж.
Активист за ЛГБТ права со фокус на трансродовата заедница и сексуалната работа.

Во лична карта Нарциса Тунтева, магистер по соло пеење.
Во слободно време пишува поезија, вози точак, сака да им помага на безпомошните луѓе. Во приватниот живот помалку познат како Емил, трансродов маж.

Настанот е дел од Проектот за ЛГБТИ Инклузија 2.0 реализиран од страна на ЛГБТИ Центарот за поддршка во партнерство со Коалиција Маргини, а финансиски поддржан од страна на ИЛГА-Европа.

21.30 часот

Во Јавна соба можете да го заокружите февруари со “The Chicks”. Ќе ги слушате Сандра Јордановска, Наталија Мејанџиева и Моника Ѓорѓиева.

НЕДЕЛА

11 часот

Во Рускиот центар традиционално се одржува заедничка прослава на празникот Масленица. Како и минатата година, и годинава прославата ќе се одржи во кафулето „Њу Ејџ“ (зад Рускиот центар). На настанот ве очекуваат традиционална руска музика, базар на ракотворби, предвидување на иднината, многу игри и, секако, палачинки. Земете си ги и дечињата.

14 часот

Нa стадион „Чаир“,  во важна битка за останување во елитата, Шкупи е домаќин на Ренова. Фудбалерите на тренерот Ќатип Османи пред своите навивачи ќе се обидат да им се вратат на победите, додека „гипсарите“ од Тетово ќе имаат желба да се израмнат на табелата со чаирчани.

17.30 часот

ВРЕМЕ Е ЗА КОШАРКА, ВРЕМЕ Е ЗА ДЕРБИТО МЗТ-РАБОТНИЧКИ, во СЦ „Јане Сандански“.  Најголемите лути градски ривали повторно се соочуваат, и сезонава кандидати за шампионската титула. „Штрковите“ кои имаат резултатска криза од АБА2 лигата ќе ја бркаат четвртата, а тимот од „Градски парк“ петтата победа по ред во првенството.

19.30 часот

Забава под розеви и бели светла, во дрес код розево и бело, ќе има во Инста Кафе (Дебар Маало). Забавата ќе биде со микс музика од салса, бачата и кизомба и добро познатите кореографии кои изминативе години ги собираат сите танчери на еден ист подиум.

Слични објави

„Се степав на училиште поради мајка ми“: Анастасија Ражнатовиќ си ја отвори душата за најтешките моменти од детството

Еспресо

Момченце починало поради предизвик на Тик Ток: Опасен тренд „хромирање“ се шири на социјалните мрежи

еспресо

Отворена прва продавница за алкохол во Саудиска Арабија: Ќе се купува алкохол со овластување

Еспресо

Мир Божји, Христос се роди! Народни обичаи и верувања за Божиќ: Бидете со најблиските и заедно прославете го Христовото раѓање

Еспресо

Старо верување: Скршете орев на Бадник и дознајте дали среќата ќе ве следи

Еспресо

Каква кармичка судбина ќе имате во 2024 според датумот на раѓање: Декодирајте ја иднината преку персоналната бројка и откријте што ве чека!

Еспресо
Се вчитува....