11.8 C
Скопје
22:28 - 23 април, 2024

Приказната за медот и Оскарот

Американската академија за филмска уметност на 13 јануари ќе ги објави номинациите за најпрестижната филмска награда Оскар и тогаш ќе се знае дали македонскиот документарец „Медена земја“ ќе биде номиниран и во колку категории

Останаа уште само неколку дена до објавувањето на номинациите за наградата Оскар, а како никогаш претходно тоа годинава во Македонија се следи со огромно внимание.
Американската академија за филмска уметност на 13 јануари ќе ги објави номинациите за најпрестижната филмска награда Оскар и тогаш ќе се знае дали македонскиот документарец „Медена земја“ ќе биде номиниран и во колку категории.

Гласањето за номинациите на членовите на академијата заврши на 7 јануари, а во моментов се одвива броењето на гласовите, според кои ќе се одредат фаворитите за најпрестижната филмска награда во светот. „Медена земја“ се споменува како фаворит за Најдобар странски филм, како и во категоријата Најдобар документарец. Тешко е да се прогнозира каква ќе биде судбината на македонскиот филм, кој досега освои бројни награди на престижни меѓународни фестивали.

И годинава домаќин на Оскарите ќе биде „Долби театарот“ во Холивуд, а церемонијата ќе се одржи на 9 февруари во Лос Анџелес.

За 92. награда на Академијата ќе се натпреваруват 15 документарни филмови, категорија за која беа предложени 150 филмови. Членовите на жирито избраа 15 наслови што ќе се натпреваруваат за Оскар, а меѓу нив е и „Медена земја“.

Глобусите ја зголемија неизвесноста

Голема неизвесност владее и за главните категории, а од никаква помош на прогнозерите не им беа ниту Златните глобуси, кои традиционално се одржуваат пред објавувањето на номинациите за Оскар.

Златните глобуси потврдија дека нема да има јасен фаворит на претстојните Оскари, откако филмовите со најмногу номинации не освоија речиси ништо.

На крајот, по малку изненадувачки победник излезе „Беше еднаш во Холивуд“, кој се закити со три статуетки, при што беше прогласен и за најдобра комедија/мјузикл. Исто така, режисерот Квентин Тарантино го освои својот трет Златен глобус за најдобро сценарио, а Бред Пит славеше во категоријата машка споредна улога.

„Брачна приказна“ и „Ирецот“, двата големи хита на Нетфликс, дојдоа на доделувањето со шест, односно пет номинации, но причина за радост имаше само Лора Дерн, која доби Златен глобус за најдобра споредна женска улога.

„1917“, приказна од Првата светска војна снимена во само еден кадар, е прогласен за најдобра драма, а неговиот автор Сем Мендес за најдобар режисер.
Жоакин Феникс („Џокер“) и Рене Зелвегер („Џуди“) се најдобри актери во драма, а Тарон Еџертон („Рокетмен“) и Оквафина („Збогување“) во комедија/мјузикл, додека најдобар странски филм e јужнокорејскиот „Паразит“, кој лани победи во Кан.

Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели

Секако дека барем една номинација за „Медена земја“ ќе има огромно значење за севкупната македонска кинематографија. Во моменти кога продукциите не можат да се пофалат со преголема активност, „Медена земја“, но и неколку други македонски филмови остваруваат значителни меѓународни успеси.

„Медена земја“ е филм за Атиџе, последната жена одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во Централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси. Продукцијата е на „Аполо медија“ на Стефанов и „Трајс филмс“ на Атанас Георгиев. Музиката во филмот е на „Фолтин“.

Да се потсетиме и на дел од рецензиите, што овој филм ги доби од реномираните странски медиуми.
Ентони Кауфман од „Скрини интернешнал“ по премиерата изјавил: „Бев скептичен, но откако го гледав се убедив дека гласините кои се ширеа на Санденс за македонскиот документарец ‘Медена земја’ се вистинити. Овој документарец е совршен колку што еден документарец би можел да биде“.
Во рецензијата од Шери Линден од „Холивуд рипортер“, меѓу другото стои: „Во оваа ера на кризи на изумирање, загрозени природни живеалишта, безобзирно профитирање, ‘Медена земја’ раскажува приказна со универзален одглас, дури и кога открива заборавено место, кое е толку специфично и необично, што повеќето современи луѓе од западниот свет никогаш не би можеле ни да го замислат“.

Нема ништо да се промени доколку филмот не добие номинација, „Медена земја“ беше апсолутен светски хит годинава, а со таква популарност помеѓу публиката можат да се пофалат само ретки документарци.

 

Слични објави

(Видео) Филмови кои не се за пропуштање во 2023

Ј.К.Д

Мајкл Џ. Фокс искрено за болеста што ја криел со години: Мислев дека публиката ќе ми се смее

еспресо

Се појави првата божиќна реклама и веднаш ги налути гледачите: Ова е тотално лудило

еспресо

Бела Хадид веќе не е на врвот: Науката ја избра новата најубава жена на светот

еспресо

Клои Кардашијан имала тумор на лицето: „Морав да направам итна операција за да го отстранам“

еспресо

Арнолд Шварценегер стана најскапиот личен тренер во САД: Наплаќа 150.000 долари за тренинг!

еспресо
Се вчитува....