18.8 C
Скопје
09:34 - 28 март, 2024

Од плакарот на Анита: Муабет со комшиката

Откако не знам веќе по кој пат и овој ден го пројдов чистејќи го домот, ги „сотрев“ бактериите и ја направив мојата трета „генералка“ за декември, излегов на терасата да ја фрлам и последната честичка прашинка. Таму, комшиката на соседната тераса гордо „тегне“ од своето цигарче.

– Аман комшике, душа ѝ извади на правосмукалката, прозорциве ти сјаат, ме ослепуваат, постојано переш, џогираш и гланцаш, ти доаѓа и жена за чистење, а ти пак повеќе чистиш од неа, станот на средство за дезинфекција ти мириса – ми вели таа загрижено.

– Ела, приближи се да ти шепнам нешто – се приближив уморно, да слушнам … и слушнав… – Немој толку да ја чистиш куќата, ќе си ја исчистиш среќата!!!

– Ауу среќата? Со чистење на куќата и среќата ја чистам?

– Да, да ќе си ја исчистиш среќата, ќе ја избркаш од домот!

Се насмеав зачудено и загрижено, ја испратив со чудна мимика и си влегов во домот.

Си ја чистам среќата? Затоа ли мене нешто во животов ми чкрипи?! Веднаш ги облеков чевлите, да, оние зимските со малце кал на нив и кога се разгазив по теписите, за мерак, шетам лево-десно, во една па во друга соба, марширам и внимателно следам да не ми избега некој ќош. Одам во кујната, си ставам едно мерачко кафе да се напијам, како мешам со лажичката така засилувам, нека прсне малку на подот и плочките. Си ставив и сок, а како се движам кон дневната така подрипнувам од радост, нека прсне од сокот насекаде. Среќата мене ќе ми бегала? Аха, ги растурив и алиштата, фрлив по некое парче облека на секое столче. Го растурив и креветот и уште еден куп алишта фрлив врз него.

Среќо, сега ќе видиш ти! Влегов во бањата и кога се распрскав со вода, нека има, дури до таванот. Играчките од детето буквално ги расфрлав низ целата куќа, нека биде шарено. Извалкав неколку чинии и тенџериња и ги распослав низ кујната. Малку шеќер, малку сол истурив на подот, како јинг и јанг да ја чуваат среќата. Ги размачкав и прозорците и масите, истурив и земја од цвеќињата, нека биде што повалкано. Каде ќе бегаш сега, среќо моја?

Едно кафе и за неа сварив, нека седне нека се укотви и никогаш нека не замине. Нема каде да ми бега сега!

Хмм, конечно се освестив после час-два и седнав во хаосот. Седам и гледам, а почнав и да мислам – прво нешто што ми дојде на памет… за новата „генералка“ да ја повикам жената или пак комшиката?!

Слични објави

Момченце починало поради предизвик на Тик Ток: Опасен тренд „хромирање“ се шири на социјалните мрежи

еспресо

Отворена прва продавница за алкохол во Саудиска Арабија: Ќе се купува алкохол со овластување

Еспресо

Мир Божји, Христос се роди! Народни обичаи и верувања за Божиќ: Бидете со најблиските и заедно прославете го Христовото раѓање

Еспресо

Старо верување: Скршете орев на Бадник и дознајте дали среќата ќе ве следи

Еспресо

Каква кармичка судбина ќе имате во 2024 според датумот на раѓање: Декодирајте ја иднината преку персоналната бројка и откријте што ве чека!

Еспресо

Денес го славиме Свети Игнатиј, еве што (не) треба да правите

Еспресо
Се вчитува....