12.8 C
Скопје
12:14 - 19 април, 2024

Летајте без крилја и освојувајте без меч

Откако се врати од САД, Мариа Дуда презеде низа хуманитарни акции, а неодамна си го оствари и својот животен сон – отвори ранч, односно прв „Зелен центар“ (Грин комфорт центар) за терапија со коњи. Приврзаноста на Марија кон коњите датира од многу рана возраст, од 9 години, или како што самата вели, „кога бев доволно храбра и сè уште не толку висока за да „крадам“ коњи кои беа врзани да пасат по полињата, секогаш кога ме носеа моите на село за викендите и во текот на летните месеци“. „Зелениот центар“ е веќе отворен за јавност, а специјализиран е за хипотерапија, односно за физичка активност и интеракција со коњи.

– Коњите се предобри терапевти кога станува збор за анксиозност, депресија, развој на лични вештини, како и одлични терапевти за лица со посебни потреби. Секое време поминато со овие животни, а и со останатите животни на ранчот, како кучиња и мачиња, е време за себепронаоѓање и фокусирање на „сега“ и овој момент – ни објаснува сопственичката.

Ранчот се наоѓа во село Опила, општина Ранковце, и не случајно е одбрана оваа локација. Тоа е местото каде што Марија ги поминувала најубавите детски години дружејќи се со животни кога тука престојувала преку лето. Околината е волшебна, со преубави планини и недопрена природа, доволно за полнење на душевните батерии на секој поединец.

– Во зависност од програмата, дали е еднодневна посета, неколку дена или седум дена, и во зависност од личноста и нејзините потреби, ги прилагодуваме и нашите понуди. Нудиме базен, тура со велосипеди, тура со четирицикли, јавање, трчање и пикник со коњи, интерактивност со сите животни, јога… Гостите можат да си го донесат и својот домашен миленик – вели Марија.

На ранчот се служи здрава и вкусна храна, вегански и вегетаријански јадења, а меѓу специјалитетите се издвојуваат басмати ориз со кари сос, слатко-кисело и соја сос, салати и природен чај од планински тревки, мексиканската храна, паста и различни видови смути.

Ја прашуваме Марија кои се физичките и когнитивните предности на јавањето коњи кај децата.

– Секое дете оттука си заминува со огромна насмевка. Децата не знаат да сокријат ако нешто не сакаат, а исто така и кога нешто сакаат. Физичките предности од јавањето се во тоа што тоа делува директно на исправеното држење на рбетот, на затегнување на мускулите на нозете, стомакот и грбот, затоа и се препорачува како активна терапија за дечиња со посебни потреби. Добра вежба е и за кардиоваскуларниот систем и дишењето. Јавањето делува директно на мозокот и умствените предизвици кај дечиња со аутизам, со проблем со говор, церебрална парализа и дечиња со хиперактивност и расеаност, затоа што со коњите комуницираме со и без говор, тие имаат развиена вибрација и инстинкт. Понатаму, јавањето е корисно за намалување на стресот, за зголемување на хормонот на среќата и задоволството – серотонин, за зголемување на самодоверба, трпение, внимание и емпатија, детално ни објаснува Марија Дуда.

Благодарение на базенот пак, ранчот е поволен и за луѓе со физички хендикеп, а самиот базен е дизајниран за тие да имаат пристап во количка.

А, кога сме веќе на посета на ранчот, можностите за интересни излети во околината се големи. Општина Ранковце има преубави патеки за возење велосипед, па така можете да извозите до Камените кули во Кратово, поминувајќи 13 километри низ живописни села. Планина Герман е тука, манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ е на оддалеченост од 23 километри, а езерото Отошница на само 7 километри.

Слични објави

Со Сергеј Трифуновиќ е приведен и неговиот „дилер“: Нови детали за апсењето

еспресо

Дарко Лазиќ по третпат станува татко: Катарина е бремена!

еспресо

(Фото) Синот на Драгана Мирковиќ јавно ја поддржа мајка си: „И во добро и во зло…“

jasmina.kantardzieva

Уапсен актерот Сергеј Трифуновиќ: Купувал марихуана

еспресо

Астропрогноза за петок, 19 април: За Близнаците нешто ново, за Рибите прилагодување на настаните

еспресо

Како земјотрес: Три хороскопски знаци ги чекаат големи промени на крајот на април

еспресо
Се вчитува....